Во Турција пристигнаа 45 илјади сириски Курди

Турскиот заменик-премиер Нуман Куртулмус денеска изјави дека 45 илјади сириски Курди ја преминале границата и пристигнале во Турција во текот на вчерашниот ден, бегајќи од припадниците на терористичката групација „Исламска држава“, откако Анкара отвори повеќе гранични премини со Сирија.

Турција вчера ги отвори границите за околу четири илјади лица, претежно Курди, кои бегаат од Сирија поради нападите на џихадистите.

Турскиот премиер Ахмет Давутоглу изјави дека Турција ќе му помогне на секој, кој бара засолниште.

Во меѓувреме Сирискиот центар за набљудување на човековите права соопшти дека борците на ИД во текот на дводневните операции зазеле 60 курдски села во близина на турската граница.