Ставрески го престави буџетот за 2015 година

Поголеми плати во јавниот сектор од годинава и поголеми пензии и социјална помош од следната година предвидува буџетот за 2015 година, кој поминал синоќа на владина седница. Ова денеска на прес-конференција го соопшти вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, кој го презентираше Предлог буџетот за догодина. Според него, од ноември годинава со исплатата на октомвриската плата примањата во јавната администрација ќе се покачат за 4 проценти. Од јули со јунската исплата социјалната помош ќе се покачи за 5 отсто, додека пензиите од октомври со исплатата на септемвриската пензија ќе се зголемат исто така за 5 отсто. Буџетот за 2015 година, како што истакна Ставрески, е во функција на поддршка на стопанството и приватниот сектор преку капитални инвестиции, но и стандардот на граѓаните.

“Европската економија покажа негативни знаци, во осум земји има пад на индустриското производство, како и негативни трендови во германската економија. Ние пак, забележавме висок раст за 4,3 отсто во вториот квартал годинава. Ги анализиравме и двата тренда и заклучивме дека македонската економија благодарение на економскиот раст, може да си дозволи покачување на платите, пензиите и социјалната помош и со тоа да го подобри стандардот на граѓаните” изјави Ставрески.

Инаку, Буџетот за 2015 година е проектиран на раст од 4 отсто на БДП, инфлација од 2 отсто и буџетски дефицит кој е понизок од годинашниот и изнесува 3,5 отсто. Предлог буџетот утре ќе биде доставен до Собранието.