Партијата на регионите нема да учествува на изборите во Украина

Поранешната партија на тргнатиот од власт украински претседател Виктор Јанукович соопшти дека нема да учествува на предвремените парламентарни избори закажани за 26 октомври. Извршниот секретар на Партијата на регионите Борис Колешников денеска изјави дека политичкиот совет на партијата одлучил против учествувањето на изборите во време кога во земјата се води војна. Со нејзините проруски и евроскептични позиции Партијата на регионите ја има својата изборна и финансиска база примарно во источна и југоисточна Украина каде што владините сили се борат со проруските сепаратисти. Партијата освои 185 места во парламентот на изборите во 2012 година а се дистанцираше и го осуди Јанукович за корупција, бегство од Украина и кукавичлук.