Парите во задолжителните пензиски фондови се 5,65 отсто од БДП

Вкупниот износ на средства на задолжителните пензиски фондови во 2013 година достигнале 440 милиони евра, што претставува околу 5,65 отсто од БДП. Средствата на доброволните пензиски фондови изнесуваат приближно околу 5 милиони евра, што претставува околу 0,07 отсто од БДП. Ова денеска на прес-конференција го кажа претседателот на експерти на Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување Булент Дервиши на која информираше за осмиот годишен извештај за состојбите со задолжителното капитално финансирано пензиско осигурување (втор столб) и четвртата година од работењето на доброволното капитално финансирано пензиско осигурување (трет столб). Тој прецизираше дека во задолжителното капитално финансирано пензиско осигурување лани бројот на членови достигнал бројка од 350.040 и оти учесниците во двостолбниот пензиски систем претставуваат околу 66 отсто од вкупниот број на осигуреници во Фондот на ПИОМ или околу 17 проценти од вкупното население во Македонија.