Македонски државјанин, џихадист, загинал во Ирак

Македонскиот државјанин, Месуд Мусли (28) од Скопје, кој се борел на страната на џихадистите, бил убиен во Ирак, јави МИА. Според албанските медиуми неофицијално, тој загинал вчера во борба во Басра.
Мусли многу често патувал за Германија, а последен пат излегол од Македонија на 26 април оваа година, повторно патувајќи за Германија од каде што се претпоставува дека заминал за Ирак.
Имено, ова е прв случај македонски државјанин да загине во Ирак. Освен него до сега на боиштата во Сирија загинале 10 Албанци од Македонија. Последно потврдена беше смртта на Џелал Самакова(23), кој за Сирија заминал во април годинава. Пред него беше убиен Бурхан Беслими (23) од Скопје, додека прв Албанец од Македонија кој загина на боиштата во Сирија беше 28-годишниот Расим Зеќири од гостиварското село Беловишта.