Дводневен самит на Шангајската организација за соработка

Шангајската организација за соработка денеска го отвора дводневниот самит во главниот град на Таџикистан, Душанбе. Претседателите на земјите-членки Кина, Русија, Казахстан, Киргистан, Таџикистан и Узбекистан ќе присуствуваат на самитот. Во Душанбе се и лидерите на Иран и на Монголија, кои ќе одржат средби на маргините на самитот со лидерите на земјите-членки на Организацијата за соработка на Шангај. Иран и Монголија имаат статус на набљудувачи во организацијата, исто како и Пакистан, Индија и Авганистан. Агендата за оваа година се очекува да биде фокусирана на регионалната безбедност пред планираното повлекување на странските сили во Авганистан кон крајот на оваа година. Рускиот помошник на претседателот Јуриј Ушаков пред самитот изјави дека Русија ќе предложи да се одржи конференција за Авганистан подоцна оваа година, а под покровителство на Шангајската организација за соработка.