Иванов: Во Грција нема желба за решавање на спорот со името

Во Грција не постои желба, ниту интерес да се справат со проблемот за името што тие го создадоа, рече претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов синоќа во интервју за Македонската телевизија, по повод Денот на независноста. Според македонскиот претседател, спорот за името воопшто не е на агендата во Грција, бидејќи таа не трпи од овој спор. „За се што беше од наша страна иницирано и преземено, гледаме дека од нивна страна нема интерес, но одвреме навреме се јавуваат заинтересирани земји кои сакаат да се вклучат во ова и да дадат поинакви динамики на целиот процес“, рече претседателот Иванов. Запрашан за стратегиските цели на земјата, 23 години од нејзината независност, тој изјави дека ЕУ и НАТО остануваат определба за Република Македонија.