Обама најави стратегија против Исламската држава

Американскиот претседател Барак Обама изјави дека во говорот на 10 септември ќе ја објави неговата стратегија за офанзива против милитантите од Исламската држава. Денеска Пентагон соопшти дека американската авијација извршила воздушни напади против милитантите во близина на најголемата брана во Ирак – Хадита. Ирачките владини и провладини сили во меѓувреме почнаа противофанзива во близина на браната и ја презедоа контролата врз градот Барвана на 10 километри од Хадита. Гувернерот на провинцијата Анбар, Ахед ал-Дулаими, бил сериозно повреден од шрапнел во главата при неговата посета на Барвана кратко по влегувањето на владините сили во градот. Минатиот месец тој рече дека побарал американска воздушна поддршка во борбата против милитантите во провинцијата Анбар.