Баросо: Ситуацијата во Украина е многу сериозна

Претседателот на Европската комисија Жозе Мануел Баросо предупреди дека украинската криза ја достигнала точката од која нема враќање. На заедничката прес-конференција со украинскиот претседател Петро Порошенко во Брисел Баросо изјави дека ситуацијата во Украина е "многу сериозна" и ги повика двете страни да најдат политичко решение. Баросо соопшти дека ЕУ е подготвена да преземе "многу силни и јасни мерки" против Русија и додаде дека ќе им предложи широк спектар на опции на земјите-членки. Баросо, исто така, ја предупреди Русија дека не треба да ја потцени волјата на Европската унија да стои до своите принципи и вредности. Баросо додаде дека ЕУ не сака конфронтација со Русија и дека нова студена војна би била штетна за целиот континент. Осудувајќи ја руската интервенција во неговата земја, Порошенко додаде дека сега има илјадници странски војници и стотици странски тенкови во Украина. И двајцата зборуваа пред почетокот на самитот на евроспките лидери во Брисел.