Рохани ги осуди западните санкции кон Иран

Иранскиот претседател Хасан Рохани ја осуди последната рунда на западните санкции против Исламската република. Соединетите Држави најавија дека ќе воведат нови санкции против повеќе од 25 ирански правни и физички лица кои Вашингтон го обвини за низа прекршувања - вклучувајќи проширување на иранските нуклеарни активности, избегнување санкции и поддршка на тероризмот во регионот. Шест ирански банки, авиокомпании и истражувачки институт се меѓу санкционираните. Во своето денешно обраќање Рохани ги нарече санкциите угнетување.

"Санкцијата е угнетување и агресија и ние треба да застанеме против оваа агресија, треба да го сузбиеме агресорот и да не дозволиме санкциите да се одржуваат и да се повторуваат", изјави Рохани.

Западните земји се сомневаат дека Иран скришно произведува нуклеарно оружје заедно со својата цивилна програма, обвинение коешто Техеран постојано го негира.