Обама назначи нов амбасадор на САД во Авганистан

Џејмс Канингем, досегашниот амбасадор на САД во Кабул

Американскиот претседател Барак Обама избрал дипломат- ветеран со искуство во Кабул, да биде идниот амбасадор на САД во Авганистан. Белата Куќа соопшти дека Мајкл МекКинли е изборот на Обама за замена на амбасадорот Џејмс Канингем, кој ја врши таа должност од 2012 година. МекКинли во моментов е заменик на Канингем во американската амбасада во Кабул.

Пред доаѓањето во Авганистан во минатата година, тој работел како амбасадор на САД во Колумбија и во Перу. Неговото наименување доаѓа во време на долготрајни несогласувања во врска со резултатите на претседателските избори во Авганистан. Вашингтон бара новиот лидер да потпише договор со САД за задржување на одреден број американски војници во Авганистан и по 2014 година.