Слободни здравствени зони со македонски пари, а забранети за Македонци

Министерот за здравство Никола Тодоров.

Министерот за здравство Никола Тодоров најавувајќи го проектот Слободна здравствена зона рече дека со истата планирал здравствен туризам, додека за македонските пациенти лекувањето во зоната ќе било забрането во првите десет години за да не пропаднеле македонските болници, пренесува novatv.mk.

Тодоров најави дека проектот ќе започнел во 2017 година и дека најверојатно ќе се наоѓал во близина на Скопје. Зоната е замислена како место каде што странски инвеститори ќе градат болници и високообразовни медицински институции, а за да ги привлече Владата има намера да ги ослободи од многу даночни и царински обврски.

Па така, потенцијалните инвеститори во зависност од тоа дали ќе работат само како болници или ќе имаат и високообразовна дејност ќе бидат ослободени од многу давачки во период од 10, односно 15 години. Во дадените периоди нема да плаќаат данок на добивка, персонален данок за платите на вработените, ќе бидат ослободени и од Данок на додадена вредност (ДДВ), царински давачки. Владата ќе им ги плаќа обуките на вработени во висина од 60 проценти, ќе им помага да ги изградат објектите со помош до 500 илјади евра и ќе ги ослободи од комуналии.

Тодоров нагласи дека граѓаните од Македонија и Косово во првите десет години нема да смеат да се лекуваат во слободните здравствени зони за да не останеле другите приватни болници без пациенти.

Тој рече дека ова било најнова мода во светот и дека веќе се применувало во Јужна Кореја, Дубаи, а почнувало да се практикува и во Турција.