Земјотрес во северна Калифорнија

Епицентарот на земјотресот бил на 10 километри од градот Напа во винската област во Калифорнија.

Земјотрес со јачина од 6 степени вчера ја погоди северна Калифорнија, при што има повредени граѓани и оштетени објекти. Епицентарот на земјотресот бил на 10 километри од градот Напа во винската област во Калифорнија. Десетици граѓани побарале лекарска помош, а двајца возрасни и едно дете се сериозно повредени. Властите во Напа соопштија дека најмалку 15 згради се веќе неупотребливи, а повеќе од 10 илјади домаќинства се без струја. Пријавени се и оштетувања на патиштата, како и на инсталациите за вода и за природен гас. Гувернерот на Калифорнија Џери Браун прогласи вонредна состојба во тој дел од државата. Калифорнија е позната како трусно подрачје.