Шест нови случаи на жолтица во Скопје

Шест нови случаи на жолтица се евидентирани на подрачјето на Скопје откако беше прогласена епидемија со што бројот на заболени во главниот град се искачи на 72. Од нив, 16 се лекуваат на Инфективната клиника, двајца на инфективното одделение во Градската општа болница „8 септември“ и се во добра здравствена состојба, а останатите се пуштени на домашно лекување. Најголем број од заболените, односно 27 се на возраст од 3 до 14 години, 21 лице се на возраст од 29 до 40 години, 19 лица на возраст од 16 до 25 години, а шестмина заболени се на возраст од 48 до 55 години. Најмногу заболени има во Шуто Оризари, а по неколку заболени има речиси во сите општини во Скопје, односно во Аеродром, Карпош, Центар, Чаир, Кисела Вода, Гази Баба, Ѓорче Петров, Илинден и Бутел.

Во Штип, каде прво се појави жолтицата, моменталниот број на заболени е 30 лица. ,Во овој град, екипа епидемиолози веќе имаат земено мостри од централниот градски водовод, како и од поединечни чешми и бунари кои ги посочиле болните. Резултатите од вкупно земените осум мостри се очекуваат во вторник.

Од Министерството за здравство велат дека најверојатно, според првичните информации од направениот увид, се работи за пренесување на болеста преку контакт и затоа се преземаат повеќе превентивни мерки. Во пресрет на почетокот на учебната година вчера Министерството за труд и социјална политика излезе со превентивни мерки до градинките и училиштата.