Владата на Македонија со осуда за вокабуларот на грчките војници

Владата најостро протестира за насилничкиот и заканувачки вокабулар, кој го употребуваат грчките војници и кој е својствен за некои дамнешни времиња. Ваквите чинови, подгреваат меѓудржавна омраза, се наведува во соопштение на Владата на Македонија. Како што се наведува во соопштението, Владата ги презема сите дипломатски чекори за осуда на овој и ваквите слични настани во Република Грција, кои не придонесуваат за промовирање на добрососедството и духот на соработката.

„Загрижува фактот што вакви недолични и нецивилизирани појави со години се повторуваат во Република Грција, а јавноста не се сеќава да имало официјално извинување и оградување од властите. Веројатно не им пречи кога Македонци, Албанци или Турци им ги оставаат парите како туристи, а надвор од тоа пеат дека “ќе им ја цицаат крвта”, се посочува во владиното соопштение.

Во соопштението се наведува дека ваквите настани се премолчуваат и толерираат од страна на Европската Унија.

„За доброто на европската идеја и вредностите кои таа ги промовира, неопходно е ваквите практики и брутални изблици на најрадикален национализам во државни структури да наидат на најостри осуди“, стои во реакцијата на Владата