Украина: Руски војници маскирани како хуманитарна мисија

Илустрација.

Украина соопшти дека го спречила рускиот обид да испрати војници преку границата под маската „хуманитарна мисија“. Валериј Чалиј, заменик шефот на кабинет на украинскиот претседател Петро Порошенко, синоќа рече дека „голем конвој се движел кон украинската граница, придружуван од руски војници и воена опрема“. Чалиј рече дека ваквиот руски потег бил спречен преку дипломатски канали, но не соопшти детали. Тој додаде дека Црвениот крст негира дека Русија го координирала овој наводен хуманитарен конвој со нив. Западот долго време предупредува дека Русија го зголемува бројот на војници на границата со источна Украина и оти може да дојде до руска инвазија во источниот сосед. Американската амбасадорка во ОН, Саманта Пауер, синоќа ги критикуваше руските предлози за формирање хуманитарни коридори за помош на луѓето во источна Украина кои се зафатени од борбите и често остануваат без струја или вода.