Опонент на Путин пуштен од притвор во Бугарија

Опонентот на рускиот претседател Владимир Путин кој беше притворен во Бугарија по барањето за екстрадиција од Москва е ослободен. Николај Коблијаков кој има двојно државјанство, француско и руско, беше задржан 72 часа по приведувањето на аеродромот во Софија на 29 јули.
Тој е баран во Русија поради сомневања за измама. Неговиот адвокат тврди дека случајот бил политички мотивиран. Вчера судот во Софија одлучи Коблијаков да биде пуштен под услов да не ја напушта земјата наведувајќи во судската одлука дека неговите акции не може да се класифицираат како измама, или каков било криминал според бугарските закони. Коблијаков е основач на француска невладина организација која ги организираше протестите против Путин во Франција.