САД: Русија истрелува ракети кон Украина

Стејт Департментот вчера објави сателитски снимки на кои Вашингтон вели дека се гледа оти Русија испалувала ракети од нејзина територија кон Украина минатата недела. Во документот на четири страници се прикажуваат нападите од 21 до 26 јули и се гледа од каде тргнуваат и каде завршуваат ракетите. Во меѓувреме најмалку 13 луѓе меѓу кои и две мали деца загинаа во градот Хорливка во источна Украина во кој живеат околу 250 000 луѓе. Официјалните претставници на администрацијата на регионот Донецк соопштија само дека вчерашните жртви се резултат на воената акција во градот не споменувајќи која страна можеби е виновна. Украинските сили во саботата почнаа со офанзива во регионот против проруските сепаратисти.