Две мостри позитивни на листерија, конечните резултати в среда

Две мостри биле позитивни на листерија, покажуваат првичните резултати од анализите на близу 200 мостри за утврдување на присуство на оваа бакетрија во храната, соопшти на денешната прес-конференцијата директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство, Дејан Рунтевски.

- Ние во изминатите неколку дена додека траеја контролите однесоваме повеќе од 300 мостри во Ветеринарниот институт, односно во Институтот за храна при Факултетот за ветеринарна медицина и исто толкав број во Институтот за јавно здравје. Досега имаме резултат од околу 134 мостри од ИЈЗ и околу 54 мостри од Факултетот за ветеринарна медицина. Од овие имаме две позитивни мостри од производи. Но тоа не значи дека се тие поврзани со хуманите случаи на листерија, рече Рунтевски.

Тој посочи дека станува збор за мостри од колбаси од две компании од домашната месна индустрија. Во следниот период подвлече, ќе следи генетска типизација на мострите на Факултетот за ветеринарна медицина, која ќе биде готова до среда поладне и тогаш ќе се знае дали тие ја предизвикале листериозата кај лицата кои заболеа од бактеријата.