Бунтовниците го собориле авионот по грешка?

Американски разузнавачки претставници соопштија дека веруваат оти проруските бунтовници веројатно го собориле малезискиот авион над источна Украина „по грешка“. Тие велат дека не е пронајдена директна врска во Русија.

Американските разузнавачки претставници посочуваат дека патничкиот авион веројатно бил соборен со ракета земја-воздух СА-11, испукана од бунтовниците. Велат дека досега не се пронајдени докази за поврзаност на Кремљ со соборувањето на авионот, но оти Русија продолжува да им испорачува оружје, вклучително и ракети и тенкови, на сепаратистите во Украина.

Американските разузнавачки претставници посочуваат дека не знаат дали некои Руси биле присутни при лансирањето на ракетата и не можеа да кажат дали посадата што ја испукала ракетата била обучувана во Русија. Разузнавачите претставници ова го соопштија на вчерашниот брифинг со новинарите во Вашингтон.

Американскиот претседател Барак Обама завчера рече дека авионот „бил соборен над територија под контрола на сепаратистите во Украина кои имаат поддршка од Русија“. Тој исто така изјави дека Русија ги обучувала сепаратистите и им доставува „воена опрема и оружје, вклучувајќи и противавионско оружје“.