Три смртни случаи во Македонија од бактеријата листерија

Во Македонија во последните 30 дена е регистрирана појава на седум случаи кај кои лабораториски е потврдено присуство на бактеријата листерија, од кои три завршиле со смртен исход. Пет од пријавените случаи се со дијагноза листериозен менингитис или менинго енцефалитис, а две новородени деца се со дијагноза листериозна сепса. Како што информира Министерството за здравство, еден од починатите е на возраст од 72 години, вториот случај е на 59 години и едно новородено дете.

Листериозата е бактериско заболување, кое најчесто настанува по внесување на храна контаминирана со бактеријата листерија, како што се месо, преработки од месо, непастеризирано млеко и млечни производи, недоволно измиено овошје и зеленчук, чадена риба и друго. Кај здрави лица со подобар имунитет, заболувањето поминува со полесна клиничка слика, со стомачни проблеми, дијареа или симптоми слични на грип. Листеријата се уништува со добра термичка обработка, со печена и варена храна (над 70 степени целзиусови). Најчесто се регистрира меѓу постари лица со намален имунитет, бремени жени и новородени деца. Кај нив може да предизвика сериозни компликации, како сепса, воспаление на мозочни обвивки (менинго енцефалит), воспаление на срцева обвивка (перикардит), воспаление на зглобови и сл.