Комеморативна седница за четворицата пилоти на МВР

Комеморативна седница по повод трагичната несреќа на четворицата пилоти на Министерството за внатрешни работи на Република Македонија денеска беше одржана во Домот на АРМ во Скопје.

- Имињата на Драги, Иљо, Маријан и Тоде ќе бидат дел од колективното паметење на сите што живеат на овие простори и ќе останат светол пример за сите идни генерации. Република Македонија и МВР загубија извонредни професионалци и големи патриоти, а нивните семејства изгубија чуствителни сопружници, грижливи татковци и горди синови и браќа, рече во своето обраќање помошникот - началник на Централните полициски сили Сашо Митевски.

Тројца од пилотите ќе биде погребани утре во Скопје, а погребот на Марјан Трајковиќ ќе се одржи денеска во Куманово.Утре во Македонија ќе биде ден на жалост. Владата на вчерашната седница одлучи понеделник, 14 јули да биде прогласен за ден на жалост. Несреќата во која загинаа припадниците на хелихоптерската единица на МВР се случи во четвртокот околу 22 часот во близина на Струмица, за време на ноќен тренажен лет, кога леталото удрило во антенски столб на Македонската радиодифузија висок 120 метри.