Заврши посетата на Јолевски на САД, потврдена определбата за НАТО интеграциите

Со низа средби и разговори, министерот за одбрана Зоран Јолевски ја заврши работната посета на Соединетите Американски Држави. Како што соопшти министерството за одбрана, на вчерашната дебата на која присуствувале поранешни функционери во администрацијата на САД и претставници на „тинк тенк“ заедницата, биле разменети идеи и мислења за идните стратешки чекори што треба да ги преземе Република Македонија во поглед на реформите во одбраната и патот за членство во Алијансата. Јолевски ја пренел пораката на граѓаните на Република Македонија и нивната одлучност да бидат дел од безбедносниот чадор при што истакнал дека нашата земја ги има исполнето сите критериуми за членство во НАТО. Во текот на посетата, министерот Јолевски се сретнал и со конгресменот Хауард Бак МекКеон, претседател на Комитетот за одбрана на конгресот на САД. На средбата биле разменети мислења за иднината на НАТО, а разговарале и на темата проширување на Алијансата. МекКеон упатил благодарност за придонесот во мисијата ИСАФ во Авганистан и истакнал дека Армијата на Република Македонија е одличен партнер во мисијата.