Груевски - зад протестите за „Монструм“ стојат луѓе задоени со верски радикализам

Зад насилното однесување на протестите за пресудите во случајот „Монструм“ стојат луѓе задоени со верски радикализам, рече во вчерашното интервју за втората програма на МТВ премиерот Никола Груевски.

Треба да се внимава, предупреди тој, затоа што некои луѓе го користат етничкиот предзнак на Албанците со цел да остварат некои други свои цели кои што не се цели за да им се помогне на Албанците, туку се цели поврзани со туѓи интереси кои не се интереси на Албанците во Македонија.

Тој ги отфрли обвинувањата дека пресудата за Монструм е политичка и дека зад неа стои ВМРО-ДПМНЕ, па дури и тој лично. Во интервјуто тој рече дека се чуствува заслужен за многу работи со кои е придонесено за подобар живот на Албанците во Македонија.

Премиерот изјави дека верува оти судот донел законска и уставна одлука која се базира на цврсти докази, но вели дека треба да се почека и второстепениот суд да го каже тоа. Веројатно потоа ќе има жалба и пред Врховниот суд така што има се уште инстанци коишто ќе го разгледуваат случајот.

„Ние мораме да веруваме во судскиот систем затоа што судскиот систем и Судот е тој и само тој којшто може да одлучува по ова барање. По ова барање неможе да одлучува Влада, не може да одлучува политичка партија, не може да одлучува политичар, не може да одлучува медиум, не може да одлучува странска фондација која поддржува одредени медиуми во Македонија. По ова прашање исклучиво може да одлучува Судот и од тој контекс сакам да додадам дека секое насилно обединување да се изврши притисок на Судот ќе влијае негативно во целиот процес“, рече Груевски.

Премиерот Никола Груевски апелираше на мирни протести против пресудата за случајот Монструм.