Обама и Оланд за прекин на борбите во Украина

Претседателите на Франција и на Соединетите држави Франсоа Оланд и Барак Обама повикаа на што поитно одржување состанок на контакт групата за да се договори прекин на огнот во Украина, соопшти кабинетот на францускиот претседател по телефонскиот разговор меѓу двајцата лидери. Тие го повикаа рускиот претседател Владимир Путин да изврши притисок врз сепаратистите во Украина за да прифатат дијалог со украинските власти и да ја зголеми контролата на руско украинската граница. Во соопштението се наведува дека само политичко решение може да биде трајно решение на ситуацијата во таа земја. Украинскиот претседател Петро Порошенко вети во минатата недела дека ќе почне преговори за примирје. Контакт групата се состои од претставници на Русија, Украина и ОБСЕ.