Саудиски активист за човекови права осуден на 15 години затвор

Саудискиот Крал Абдула.

Судот во Саудиска Арабија го осуди познатиот активист за човекови права, Абу ал-Хаир, на 15 години затвор. Тој беше обвинет за антидржавно делување, во што се вклучени прекршување на верноста кон Кралот Абдула, покажување непочитување кон властите и формирање на недозволено здружение. Според државната новинска агенција, тој е казнет и со парична казна од 200 илјади саудиски ријали, односно околу 53 илјади долари, забрането му е да излегува од земјата уште дополнителни 15 години, а сите негови интернет страници се затворени. Абу ал-Хаир го критикуваше новиот анти-терористички закон, кој од многумина активисти за човекови права беше оценет како алатка за замолчување на неистомислениците на власта. Новиот закон забранува каков било акт што „го нарушува јавниот ред и мир, ја разнишува безбедноста на општеството или го доведува во опасност националното единство“.