Нови протести против пресудата за „Монструм“

Нови протести против пресудата во случајот Монструм денеска се одржаа во повеќе градови во Македонија. Мирни протести се одржаа во Струга, Кичево, Гостивар и во Скопје. За разлика од претходните два дена, протестите во Скопје, на кои имаше неколку стотини луѓе, денеска беа мирни. Протестите повторно почнаа кај Јаја Паша џамијата, но големите полициски сили кај трговскиот центар Мавровска не им дозволи на демонстрантите да продолжат понатаму.

Дел од медиумите јавуваат дека во Тетово дошло до судири со полицијата, кога демонстрантите се упатиле кон седиштето на ДУИ во Мала Речица. Полицијата употребила шок-бомби за да ја растера толпата.

Во меѓувреме, МВР соопшти дека интензивно продолжува да работи на целосно расчистување и документирање на агресивните и исклучително насилни протести од петокот во Скопје. Досега се идентификувани 24 учесници во насилствата, од кои шестмина вчера се изведени пред судија на претходна постапка со кривична пријава за основано сомнение дека сториле кривично дело „учество во толпа и спречување на службено лице при вршење на службено дејствие“, информира портпаролот на МВР Иво Котевски.

Тој рече дека надлежниот суд на овие шест лица веќе им одредил притвор од осум дена и тие се префрлени во истражен затвор.