ВМРО-ДПМНЕ протестира против обвинувањата за пресудата за „Монструм“

ВМРО-ДПМНЕ соопштува дека најостро протестира на директните или индиректни обвинувања, инсинуации и предрасуди на дел од албанските медиуми кои пресудата во случајот „Монструм“ ја сметаат и прикажуваат како политичка, партиска или донесена под политички притисок.

Како што стои во денешното соопштение, ВМРО-ДПМНЕ и нејзиното раководство никогаш не би си дозволило да бара или да врши притисок врз суд или судија за што било, а најмалку за некои луѓе да бидат осудени на доживотен затвор, а при тоа да се невини или да нема докази дека се виновни.

„Стана веќе стара практика на дел од уредниците и новинари на медиуми на албански јазик, како и на некои аналитичари и политичари, во секоја кризна ситуација со прст да покажат директно или индиректно кон ВМРО-ДПМНЕ и кон нејзиното раководство, обвинувајќи нè за сè што е поврзано со предизвикување негативни чувства кај Албанците во Македонија. Ние криминалците и убијците, жртвите и убиените не ги делиме ни етнички ни верски. Сите се луѓе, сите имаат право на живот, право на правда, право на слободна мисла и движење“, се наведува во соопштението.

Затоа, се наведува во партиското соопштение, во оваа држава постојат судови и судии, чија задача е да ги разгледаат доказите на двете страни и да донесат независна, со чиста совест, праведна, законска и чесна одлука.