Проруските бунтовници го напуштиле Славјанск

Украинскиот претседател Петро Порошенко ѝ нареди на армијата да го подигне државното знаме на зградата за градскиот совет во Славјанск, по информациите дека поголемиот дел од проруските бунтовници и нивниот главен командант Игор Стрелков Гиркин го напуштиле градот по тешките борби во текот на изминатата ноќ. Украинскиот министер за внатрешни работи Арсен Аваков претходно соопшти дека поголемиот дел од проруските бунтовници избегале од Славјанск и се упатиле кон градот Горливка.

Украина тврди дека Стрелков е полковник во руското воено разузнавање(ГРУ), но и тој и Москва негираат вклученост на ГРУ во настаните во Украина, иако западните земји тврдат дека Кремљ тајно ги финансира проруските бунтовници. Протерувањето на бунтовниците од Славјанск ќе биде најголемиот успех на Киев во речиси тримесечната воена операција за враќање на контролата врз истокот на земјата. Бунтовниците го зазедоа Славјанск, индустриски град со околу 120 илјади жители, на 6 април.