Честитка од Иванов до Обама по повод Националниот празник на САД

Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов, по повод националниот празник на Соединетите Американски Држави, 4 Јули – Денот на независноста, упати честитка до американскиот претседател Барак Обама со најискрени желби за просперитет на САД, како и за благосостојба на пријателскиот американски народ.

Односите со САД ги ценам за исклучително значајни, а заложбата за нивното натамошно зацврстување од посебен интерес за Република Македонија и за нејзините граѓани. Одамна заслуженото полноправно членство на нашата држава во НАТО, како и натамошната интеграција во ЕУ, стабилноста и просперитетот на нашиот регион, регионалната соработка и градењето добрососедски односи, остануваат наши највисоки надворешно-политички приоритети, но истовремено и предизвици со кои нашата држава се соочува. Во насока на што поскора реализација на овие значајни цели, ја очекуваме Вашата натамошна, уште позасилена поддршка во претстојниот период, особено во пресрет на следниот Самит на Алијансата во септември оваа година, се вели во честитката.

Со такво убедување, како и во очекување на можноста за лична размена на мислења по сите прашања од заемен интерес, дозволете ми, господине Претседателе, да Ви ги упатам изразите на моето највисоко почитување, се посочува во честитката од претседателот Иванов.