Петмина уапсени за рушење на банкарскиот систем во Бугарија

Бугарските власти соопштија дека се приведени пет луѓе под сомнение за заговор за дестабилизација на банкарскиот систем на земјата со ширење на лажни информации за стабилноста на комерцијални банки.

Властите започнаа истрага откако на 27 јуни луѓето побрзаа да си ги повлечат своите заштеди од втората по големина банка во земјата. Централната банка ја презеде контролата на Корпоративна комерцијална банка откако во медиумите се прошири веста дека банката имала корумптивни зделки. Вчера и третиот по големина кредитор на земјата, Прва инвестициона банка, рече дека е под „невиден криминален напад.“Банкарските проблеми во државата се совпаѓаат со политичката криза. Политичките лидери се согласија на 5 октомври да се одржат предвремените парламентарни избори.