САД без коментар за тајната снимка со критики од Сикорски

Архивска фотографија: Американскиот државен секретар Џон Кери и полскиот министер за надворешни работи Радослав Сикорски.

Американскиот Стејт департмент вчера соопшти дека американско-полските односи се многу добри, одбивајќи да ја коментира наводната снимка со критички забелешки на полскиот министер за надворешни работи Радослав Сикорски. Портпаролката Мари Харф изјави дека не може да ја потврди автентичноста на снимката и додаде дека САД и Полска „имаат неверојатно силни врски“.

Полскиот магазин Впрост завчера објави аудио снимка на која Сикорски вели дека односите на Варшава со САД се „безвредни“.

Во меѓувреме, тој рече дека „организирана криминална група“ ја нападнала владата со објавување на снимки од приватни разговори на официјалните претставници.

Минатата недела Впрост ја разбранува политичката јавност кога објави аудио снимка која покажува дека владата и Централната банка постигнале договор за зголемување на буџетот поради политички поени.

Сикорски се споменува како можен наследник на Кетрин Ештон, чиј мандат на чело на европската дипломатија завршува годинава.