Сирија го предаде целото хемиско оружје за уништување

Илустрација.

Сирија го предаде целото декларирано хемиско оружје за уништување. Шефот на Организацијата за забрана на хемиското оружје, Ахмет Узумцу, вчера изјави дека последните залихи од декларираните 1.300 тони хемиско оружје во Сирија беа натоварени во бродови во сириското пристаниште Летакија. Тој сепак рече дека не може да потврди дека Сирија не поседува уште хемиско оружје.

Американскиот државен секретар Џон Кери во Багдад изјави дека Вашингтон останува загрижен поради наводите за систематска употреба на гасот хлор во опозициските области. Сирија немаше обврска да ги декларира залихите од хлор, но Кери истакна дека хлорот станува забрането хемиско оружје кога ќе се помеша на одреден начин и се користи во војна.

Сирија се согласи да го предаде својот хемиски арсенал до 30 јуни, откако САД се заканија со казнени воздушни напади по смртоносниот напад со хемиско оружје врз предградие на Дамаск под контрола на бунтовниците.