Груевски - да се затворат прашањата кои и прават штета на државата

Кога станува збор за интерес на државата, подготвен сум да разговарам за се, изјави во интервју за МТВ, премиерот Никола Груевски. Тој вели дека предвреме не сака да зборува за тоа што е прифатливо, а што не во врска со претстојната средба со лидерот на СДСМ Зоран Заев за надминување на политичката криза во земјата.

„Сега подобро би се задржал на иднината - да се затворат прашањата кои и прават штета на државата. Ова нерационално однесување на СДСМ, сите знаеме, и тие самите знаат дека прави штета на државата. Намерата е да се седне, да се разговара, така што во вторник почнуваат разговорите и се надевам дека во еден разумен период ќе најдеме начин како да се прекине правањето штета на државата и на сите граѓани во неа“, изјави Груевски.

Премиерот смета дека веројатно ќе има неколку средби, оти, според него, нема атмосфера од другата страна работите да се завршат само со една средба.