Карзаи отфрли безбедносни ризици за Авганистан

Авганистанскиот претседател Хамид Карзаи ја отфрли можноста дека Авганистан би можел да се впушти во истиот хаос како Ирак, кога меѓународните сили ќе се повлечат до крајот на годината. Во интервју за БиБиСи во Кабул, претседателот во заминување, изјави дека Ал-Каеда повеќе не е присутна во Авганистан. Карзаи се очекува да ја предаде власта на неговиот наследник во август, со што го завршува своето владеење, кое започна во 2001 година, кога американската инвазија го собори талибанскиот режим. Во Ирак пак, од каде што последните американски војници заминаа во декември 2011 година, милитантите од отцепената група на Ал-Каеда напредуваат кон Багдад по преземањето контрола на голем дел од претежно сунитските населби на север.