Турција бара итно заседание на НАТО за Ирак

Турција бара одржување на итно заседание на НАТО со цел да се разгледа безбедносната ситуација во Ирак, откако исламистички екстремисти киднапираа 80 турски државјани во реонот на ирачкиот град Мосул, соопшти претставник на турското Министерство за надворешни работи. Припадници на групата Исламска држава на Ирак и Левантот, која е поврзана со Ал Каеда, при два напада во последниве два дена киднапираа вкупно 80 турски граѓани, меѓу кои и дипломати. Турскиот министер за надворешни работи Ахмет Давутоглу изјави дека Турција ќе возврати ако тоа биде потребно и ако биде повреден некој од нејзините државјани и дипломати, кои се задржани како заложници во Мосул.
Во меѓувреме, генералниот секретар на ОН, Бан Ки-мун остро го осуди киднапирањето на турскиот генерален конзул и дипломатите во Мосул.
На седницата на Генералното собрание, посветена на борбата против тероризмот, Бан ги повика ирачката Влада, земјите од регионот и меѓународната заедница да направат се што е можно за да се гарантира ослободувањето на заложниците и казнување на терористите. Седница за влошената безбедносна ситуација во Ирак денеска ќе одржи и Советот за безбедност на ОН.