Нема договор, но рускиот гас тече кон Европа

Шефот на Газпром, Алексеј Милер

И покрај тоа што вчера не е постигнат договор меѓу Украина и Русија за заостанатите сметки за енергија и цената за иден дотур на руски гас за Украина протокот на гасот се одвива со исто темпо, потврди руски Газпром.

Москва претходно се закани дека на 10 јуни ќе ја прекине испораката на гас за Украина, но енергетската криза во Европа засега е избегната, откако двете страни решија да се сретнат повторно или подоцна денеска или утре во Брисел.

Официјални претставници на ЕУ за Радио Слободна Европа изјавија дека двете страни се блиску до договор за наплатата на долгот, но дека не можaт да се договорат за цената на гасот. Киев сака да плати 268 долари за 1000 кубни метри гас, а Москва бара 485 долари.