Про-руска партија победи на изборите во Јужна Осетија

Претставници на изборните власти во грузискиот отцепен регион Јужна Осетија соопштија дека партијата која повикува на референдум за обединување со Русија, победила на вчерашните парламентарни избори. По една третина преброени ливчиња, про-руската партија Обединета Осетија има освоено 44 насто гласови.
За 34 места во парламентот во главниот град на регионот, Цхинвали, се натпреваруваа 9 партии. Според Интерфакс, најмалку уште две партии освоиле 7 проценти, колку што беше неопходно за влез во парламентот.
Грузија, која не ја признава декларацијата за независност на Јужна Осетија од 1992 година, ги нарече изборите нелегитимни.
Русија и неколку други земји ја признаа независноста на регионот по кратката војна меѓу Русија и Грузија во 2008 година.