Груевски го достави владиниот состав и програмата до Собранието

Мандаторот за состав на новата Влада Никола Груевски денеска до Собранието го достави предлогот за новиот состав и програмата.
Седницата на Парламентот на која ќе се врши избор на новата Влада, согласно деловничките можности, ќе се одржи на 19 јуни, соопшти Кабинетот на Претседателот на Собранието на Република Македонија Трајко Вељаноски.
Вељаноски апелира и ги повикува пратениците од опозицијата да ги земеле предвид интересите на Македонија и да се врателе во Собранието.
“Потврдувајќи ја определбата за доследно почитување на Уставот и на законите, и во оваа прилика, како и во претходните наврати, сосема искрено ги повикувам колегите пратеници од опозицијата да ги земат предвид интересите на Република Македонија и да дојдат во Собранието.Сигурната европска и евро-атлантска иднина на Македонија е наша заедничка цел, обврска и предизвик, а токму Парламентот е местото каде тоа можеме со здружени сили најдобро да го направиме” вели претседателот на македонскиот Парламент.
Јасно изразената волја на граѓаните на последните избори, додава тој, освен што го одредила победникот, била одраз на силната демократска свест на сите наши граѓани, партиите, независно од бројот на освоените мандати, да делуваат единствено во демократските институции, чиј врв, како што истакнува, е Собранието на државата.