Руска телевизија апелира да се ослободат двајцата исчезнати новинари во Украина

Менаџментот на рускиот телевизиски канал Звезда апелираше до украинскиот претседател Петро Порошенко да помогне за да се осигура ослободувањето на двајца нивни новинари кои се исчезнати во источна Украина од четврти јуни.
Исто така во денешното соопштение руското министерство за надворешни работи побара од Киев да преземе итни мерки за безусловно ослободување на двајцата руски државјани.
Телевизијата Звезда на нејзината официјална интернет-страница соопшти дека тонецот Андреј Сушенков и камерманот Антон Малишев официјално влегле во Украина на 4 јуни за да ја следат инаугурацијата на Порошенко што се одржа денеска.
Но контактот со нив бил изгубен откако биле сопрени на контролна точка во регионот Доњецк на патот кон Славјанск.