Иванов се сретнал со Порошенко, разговарал и со Бајден

Претседателот Ѓорге Иванов денеска во Киев присуствуваше на инаугурацијата на новоизбраниот украински претседател Петро Порошенко, на која учествуваа делегации од околу 60 држави. Како што соопштуваат од кабинетот на македонскиот шеф на државата, откако ја положил свечената заклетва пред Врховната Рада, новиот украински претседател се сретнал со Иванов.
Двајцата изразиле подготвеност по стабилизацијата на Украина да се интензивира соработката најмногу во сферата на економијата, трговската размена и инвестициите.
Во разговорите претседателот Иванов го искажал ставот дека Македонија ги поддржува сите обиди што можат да донесат мир и стабилност во Украина.
“Пред претседателот Порошенко го искажав моето убедување дека Украина преку дијалог, со политички и дипломатски средства, ќе успее да се справи со предизвиците и ќе продолжи по патот на обезбедување просперитетна иднина на своите граѓани. Дополнително, радува фактот што вчера во Франција дојде до средба на господинот Порошенко со рускиот претседател Путин” изјавил претседателот Иванов во Киев.
Учеството на инаугурацијата било можност, соопштуваат од кабинетот на македонскиот претседател, тој да се сретне и со други колеги.
Во разговорите со претседателот на Словенија, Борут Пахор, Иванов се задржал на состојбата со евроатланските интеграции на Македонија и можностите за нивна деблокада,а пред полскиот колега Коморовски и австрискиот Фишер, Иванов искажал очекување за поддршка во деблокадата на ЕУ и НАТО интеграциите.
Македонскиот претседател,како што соопштија од кабинетот, за време на церемонијата имал краток разговор и со Џозеф Бајден, на кој ја побарал поддршката за членството на Македонија во НАТО. Македонскиот претседател се сретнал и разговарал за регионалната соработка со албанскиот претседател Нишани, а се сретнал и со претставниците на Совет на Европа и на ОБСЕ, Јагланд и Заниер.