СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ: Кој е виновен за застојот во евро-интеграциите?

СДСМ смета дека одговорноста за евентуално губење на препораката за преговори на Македонија со ЕУ е кај власта, а не кај опозицијата.
Според Радмила Шекеринска, потпретседател на СДСМ, не е извршена ниту една од задачите што произлегоа од заклучоците на Советот на ЕУ од декември минатата година за владеење на право, независно судство, борба против корупција и организиран криминал, слобода на изразувањето, одвојување на државата и партијата.
- Од статус на земја кандидатка за Европската унија, рамо до рамо со Хрватска, Македонија по 8 години е на дното на регионот, зад Србија и Црна Гора, на рамниште со БиХ и Косово, наведе денеска на прес-конференција Шекеринска.
Одговорноста, нагласи, е кај власта, а проблем е отсуството на демократија во државата.
- Наша задача не е да предвидуваме, меѓутоа наша задача е да опоменеме дека чекорите коишто беа преземени во изминативе неколку месеци нè доведоа до оваа ситуација, не да се надеваме на почеток на преговори, туку да стравуваме дека ќе ја изгубиме и препораката, рече Шекеринска, одговарајќи на новинарско прашање.

Веднаш и реакција од ВМРО-ДПМНЕ

Единствената работа со која се занимава СДСМ неколку години наназад е да креира проблеми и политички кризи на штета на сопствената држава, наведува ВМРО-ДПМНЕ во писмената реакција на денешната прес-конференција на Радмила Шекеринска од СДСМ.
- СДСМ наместо да се насочи кон креирање на програми, идеи, концепти и проекти или закони во полза на граѓаните, веќе подолго време единствено што работи е свесно, директно и смислено да создава политички проблеми и криза во Република Македонија, се вели во реакцијата.
Според ВМРО-ДПМНЕ, опозициската СДСМ со своето нерационално однесување свесно и директно им помага на сите оние кои не и мислат добро на Република Македонија.