Започнува првиот меѓународен театарски фестивал „МНТ Фест“

Македонскиот народен театар од денеска до 5 јуни ќе биде домаќин на првиот меѓународен театарски фестивал „МНТ Фест“, на кој ќе гостуваат големи продукции и познати режисерски имиња. Ќе учествуваат националните театри на Хрватска, Црна Гора, Србија, Бугарија и на Азербејџан и Шекспировиот театар „Глоуб“ од Лондон.
Фестивалот вечер ќе почне со „Вечната куќа“ на МНТ во замена на најавената „Како што милувате“ на Државниот театар од Тбилиси. Неговото гостување се поместува за втората половина на јуни поради поплавите во Србија, која заедно со Македонија е во агендата на Грузијците за турнеја.
Утревечер ќе биде 50-тата изведба на монодрамата „Сребрена свадба“ со актерката Катина Иванова, во режија на Звезда Ангеловска. На 27 мај Народниот театар „Иван Вазов“ од Софија ќе ја изведе „Лет над кукавичкото гнездо“ на познатиот режисер Александар Морфов, Националниот театар од Азербејџан ќе се претстави на 28 мај со „Мене...нас...“ во режија на Гунер Сатај, на 29-ти Црногороско народно позориште ќе ја изведе „Everyman Dzilas“ на режисерката Радмила Војводиќ, „Медеја“ на Томаж Пандур во изведба на Хрватско народно казалиште ќе гостува на 31 мај, Народно позориште од Белград на 3 јуни доаѓа со „Народен пратеник“ на режисерот Саша Габриќ, а театарскиот бренд „Глоуб“ од Лондон на 5 јуни ќе има две изведби на „Хамлет“ (од 16 и од 20 часот) во режија на Доминик Дромгул и Бил Бакхарст.