Изетбеговиќ: неопходна меѓународна помош

Претседателството на Босна и Херцеговина заклучи дека последиците од природната катастрофа се толкави што без голема меѓународна помош нема да можат да бидат отстранети. Состојбата е исклучително тешка и сложена и бара решително реагирање на сите органи на власта, изјави претседавачот на Претседателството на БиХ Бакир Изетбеговиќ по вонредната седница на државниот врв. Според Претседателството, повеќе од еден милион луѓе настрадаа од поплавите, додека стотина квадратни километри земјиште и натаму се под вода, а десетици илјади луѓе се евакирани.
Советот на министри побара веднаш да се преземе се што е нужно за да се забрза приемот и распределувањето на помошта која доаѓа од странство, како и да се изработи сеопфатен план за санација на штетите. Оценето е дека треба да се организира меѓународна донаторска конференција со цел собирање на помош за обнова, како и репрограмирање на доспеаните обврски на државата по различни кредитни аранжмани.