Повеќе од милион луѓе во Босна немаат чиста вода

Босанскиот министер за надворешни работи, Златко Лагумџија изјави дека повеќе од 25 отсто од населението на неговата земја е под влијание на најлошите поплави што го погодиле Балканот. Лагумџија објави дека повеќе од 1 милион од 3,8 милиони луѓе во Босна немаат пристап до чиста вода. Десетици илјадници луѓе низ цела Босна, Хрватска и Србија се евакуирани од нивните домови, откако поплавите погодија голем дел од Балканот. Во Србија работници и волонтери се зафатени со зајакнување на речните брегови во неколку големи градови, вклучувајќи го и Белград. Досега повеќе од 40 луѓе загинале по обилните дождови кои почнаа минатата недела. Многу ридови се заситени од дождовите кои предизвикуваат лизгање на земјиштето, некои од нив во области каде што се уште има нагазни мини од Балканските војни.