Инцко: БиХ продолжува да се движи во надолна линија

Високиот претставник на меѓународната заедница во БиХ, Валентин Инцко го поднесе редовниот извештај до генералниот секретар на ОН Бан Ки-мун, во кој известува за спроведувањето на мир во БиХ во периодот од 21 октомври 2013 до 21 април 2014 година. Инцко нотира дека Босна и Херцеговина продолжува да се движи по надолна линија, на која се наоѓа веќе осум години, како и дека политичките лидери се уште не постигнале напредок за голем број прашања, вклучувајќи ги и условите за напредување во евроатлантските интеграции.
Во делот за демонстрациите, кои почнаа во февруари, предизвикани од незадоволството на граѓаните од социјално-економската ситуација, Инцко протестите ги окарактеризира како „повик до избраните функционери и политички партии во БиХ да го сменат пристапот, посебно кога станува збор за мрежите на корупција кои го подриваат јавниот сектор“.