ДУИ - можен прекин на преговорите со ВМРО ДПМНЕ

Али Ахмети, претседател на Демократската унија за интеграцијa.

ДУИ нема намера да попушти во нејзините барања пред ВМРО-ДПМНЕ, јави Алсат. Вечерва или најдоцна до утре изутрина партијата на Груевски треба да се изјасни дали прифаќа претседателот на Собранието да биде Албанец, односно кадар на ДУИ и да го смени Деловникот на собранието со што и пленарните седници ќе се водат на албански јазик.

Тоа, велат од ДУИ е услов доколку ВМРО-ДПМНЕ сака да продолжат разговорите со ДУИ за формирање на нова влада.

Во меѓувреме, ВМРО-ДПМНЕ информираше дека нема на ДУИ да ѝ
го дадат спикерското место.

За утре во 13 часот е закажана конститутивната седница на новиот собраниски состав. Од ВМРО-ДПМНЕ најавуваат дека за прв парламентарец повторно ќе го предложат Трајко Вељаноски.

По ова, на следната седница в понеделник ќе биде инаугуриран и претседателот Иванов, кого ДУИ не го признава, како што не го признава ниту СДСМ.
Доколку за ова прашање ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ не се договараат, како што велат од партијата на Ахмети, нема да продолжат разговорите за можнo владино коалицирање и поделба на министерските ресори.