Лукашенко нема да ја блокира Евроазиската економска унија

Претседателот на Белорусија Александар Лукашенко.

Претседателот на Белорусија Александар Лукашенко изјави дека неговата земја нема да го блокира потпишувањето на договорот за формирање Евроазиска економска унија, откако беше решен спорот со Русија за давачките за нафтените производи. Тој претходно се закани дека ќе го блокира потпишувањето ако не се отстранат некои ограничувања на трговијата, вклучувајќи ги и давачките за нафтените производи. Лукашенко денеска во Минск рече дека Кремљ се согласил овој месец да ѝ даде кредит од 2 милијарди долари на Белорусија, додека наредната година околу 1,5 милијарди долари за давачки за нафтени прозиводи ќе останат во Белорусија. Минск веќе зема кредит од 450 милиони долари од Русија во јануари. Потпишувањето на договорот за формирање на Евроазиска економска унија, во која моментно ќе членуваат Белорусија, Казахстан и Русија, е закажано за 29 мај во главниот град на Казахстан, Астана.