ЕУ останува посветена на проширувањето

Одбележувајќи ја 10-годишнината од најголемото проширување на ЕУ и со три нови земји-членки кои се приклучија од 2004 година, учесниците од ЕУ на состанокот ЕУ-Западен Балкан ја потврдија својата посветеност на агендата за проширување кон целиот регион, во рамките на процесот за асоцијација и стабилизација, врз основа на критериумите од Копенхаген, обновениот консензус за проширување во 2006 година и релевантниот Европски совет и заклучоците на Советот. Ова се вели во изјавата на грчкото претседателство со ЕУ во врдска со денешниот министерски совет ЕУ-Западен Балкан што денеска се одржа во Солун, јави дописникот на МИА.

„Учесниците истакнаа дека проширувањето е една од најуспешните политики. Беа истакнати и останатите предизвици со кои се соочува регионот. Учесниците од Западен Балкан се обврзаа да ги направат сите неопходни напори со цел да ги забрзаат внатрешните процеси на реформи поврзани со ЕУ. Тие ја признаа потребата за идни напори, особено на полето на владеење на правото, заштита на основните права, регионалната соработка и добрососедските односи и економијата, особено во консолидирањето на макроекономската стабилност, подобрување на растот и работните места“, се истакнува во документот.