Шефот на британската дипломатија во посета на Грузија

Британскиот министер за надворешни работи Вилијам Хејг и неговата грузиска колешка Маја Панџикиѕе во Тбилиси.

Британскиот министер за надворешни работи Вилијам Хејг денеска пристигна во посета на Грузија за, како што рече, да даде многу јасна поддршка на грузиските аспирации за членство во НАТО и ЕУ. Тој пристигна во Тбилиси, откако претходно ги посети Молдавија и Украина. Хејг се сретна со грузискиот премиер Иракли Гарибашвили и со министерката за надворешни работи Маја Панџикиѕе.

Таа го истакна значењето на посетата на Хејг во пресрет на Договорот за асоцијација меѓу Грузија и ЕУ што треба да биде потпишан во јуни. Таа рече дека предлогот на грузискиот министер за одбрана Иракли Алсаниа за распоредување „одбранбени капацитети“ на НАТО во земјата, што го изнесе за време на неодамнешната посета на Вашингтон, е „само идеја“.

„Веројатно ќе има дискусии и разговори за тоа прашање, но досега нема конкретен предлог и не е донесена никаква одлука“, рече таа.